Прескокни до содржина
Буба МараРадио · 105.2 FMБуба Мара
Сите новости· Музички вести

„Михаела“ – песна за љубовта што судбината ја пишува

Некои љубовни приказни започнуваат како случајност, а завршуваат како песна. Токму таква е „Михаела“, најновото музичко остварување на Влатко и Златко Миладиноски, инспирирано од вистинска приказна и од чувствата кои остануваат врежани длабоко во срцето. Во новата балада, Влатко Миладиноски пее за љубовта како благослов, за средбата со сродна душа ...

Редакција на Буба Мара
19 јуни 2026 г. · 2 мин читање
Сподели
„Михаела“ – песна за љубовта што судбината ја пишува

Некои љубовни приказни започнуваат како случајност, а завршуваат како песна. Токму таква е „Михаела“, најновото музичко остварување на Влатко и Златко Миладиноски, инспирирано од вистинска приказна и од чувствата кои остануваат врежани длабоко во срцето.

Во новата балада, Влатко Миладиноски пее за љубовта како благослов, за средбата со сродна душа и за моментот кога два различни животни патишта се спојуваат во еден. Низ стиховите се чувствува искрената благодарност за љубовта која ненадејно се појавува и засекогаш го менува светот на човекот.

Рефренот носи една од најсилните пораки во песната – ако Михаела била песна, тој би ја пеел целиот свој живот. Тоа е љубов која не се мери со време и далечина, туку со емоции, спомени и ветувања. Љубов која, како орхидеја од стиховите, останува нежна, ретка и вредна да се носи најблиску до срцето.

Музиката и аранжманот се дело на Златко Миладиноски, а текстот го потпишува Ѓорѓи Калајџиев. Со „Михаела“, браќата Миладиноски создаваат балада исполнета со романтика и носталгија, поинаква од нивните досегашни музички изданија.

Посебна димензија на композицијата ѝ дава и маестралната гитара на Петар Ренџов, кој за првпат се појавува како гостин на фолк песна. Неговите мелодии дополнително ја нагласуваат емоцијата што ја носи приказната.

Видеоспотот, реализиран во Италија, Скопје и Валандово, визуелно ја надополнува приказната за љубовта која ги поврзува луѓето без разлика на далечините. Во него се појавуваат и личностите кои биле инспирација за создавањето на песната, правејќи ја уште поискрена и поблиска до публиката.

„Михаела“ не е само нова песна во репертоарот на Влатко Миладиноски. Таа е музичка разгледница испратена од срцето – за љубовта што доаѓа како дар, останува како спомен и живее како песна.

Песната „Михаела“, проследена со видео запис е достапна на официјалниот YouTube канал на Влатко Миладиноски на следниот линк www.youtube.com/watch?v=y427g2r2iQ4.

По успешните концерти во Македонската опера и балет, на Античкиот театар во Охрид и големиот концерт во СЦ „Борис Трајковски“, Влатко Миладиноски веќе го најави и следниот нивен голем концерт кој ќе се одржи на 29 јули на антолошката сцената на локалитетот Хераклеја во Битола.

Слушајте нѐ во живо
Главна програма · 105.2 FM
Буба МараРадио · 105.2 FMБуба Мара
Апликација